Властите во Приштина издвоија милиони евра за да им помогнат на поранешните водачи на Ослободителна војска на Косово, кои се обвинети во Хаг, но официјалните лица не даваат детали за тоа како се трошат парите.

Откако меѓународните обвинители за воени злосторства во Хаг го сослушаа косовскиот претседател Хашим Тачи, се појави прашањето кој ги плаќа правните застапници на поранешните лидери на Ослободителна војска на Косово.

По рочиштето, Тачи не откри детали за сослушувањето, ниту за случаите и обвиненијата што се товарат против него.

Специјалното обвинителство во Хаг поднесе обвинение против Хашим Тачи и Кадри Весели, во кое тие се обвинети за голем број злосторства против човештвото и воени злосторства, вклучително и убиства, присилно исчезнување, прогон и тортура.

Претседателот на Косово, исто така, не откри детали за тоа како се финансираат неговите правни застапници. Тачи го ангажираше американскиот адвокат Пјер Ричард Проспер.

Проспер е поранешен обвинител на Меѓународниот кривичен суд на Обединетите нации за Руанда, а исто така работел и како американски амбасадор за прашања за воените злосторства од 2001 до 2005 година.

Тачи на распитот во Хаг го бранеше британскиот адвокат Џефри Најс.

Ниту канцеларијата на Претседателот на Косово ниту Министерството за правда не дадоа објаснување за тоа кој ги плаќал трошоците за застапување на Тачи и патните трошоци.

Некои политички аналитичари наведуваат дека Тачи имал обврска да ја извести јавноста за капацитетот во кој бил сослушан и кои се специфичните обвиненија против него, но и да одговори на прашањето кој ги плаќал патните трошоци и адвокатот.

Оваа година во буџетот на Косово се предвидени 4,15 милиони евра за финансиска поддршка на обвинетите во судските постапки во специјализираните совети и обвинителства, но Министерството за правда не достави детали за тоа како се потрошени парите.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *