Адвокатот на американскиот претседател Доналд Трамп, Сидни Пауел, побара директорката на ЦИА Џина Хаспел да биде отпуштена затоа што го игнорирала предупредувањето за софтверот за гласање, за кој Пауел тврдеше дека е „направен да ги лажира“ изборите на 3 ноември.

Не можам да разберам зошто Џина Хаспел сè уште е во ЦИА. Таа треба веднаш да биде отпуштена, изјави Пауел за Фокс њуз, посочувајќи наводни проблеми со софтверот на Доминион вотинг системс што се користеше во неколку клучни држави за време на изборите.

Таа посочи дека има многу „свиркачи“ за кои рече дека можат да потврдат дека софтверот „Доминион“ наводно бил користен за отстранување на „милиони“ гласови дадени на Трамп.

Пауел рече дека постојат „многу начини да се докаже тоа“, но дека на националната телевизија нема да открие што има и со што располага од доказите.

Нејзините обвинувања следеа по низата твитови на Доналд Трамп во кои тој конкретно го критикуваше „радикалниот левичарски систем на гласање Доминион“, инсистирајќи на тоа дека САД не можат да дозволат лажни резултати од гласањето по пошта во 2020 година.

„Доминион“ во изјавата објавена на својата веб-страница тврди дека „категорично ги негира лажните тврдења за проблемите со замена на гласви во нашиот систем на гласање“.

Агенцијата за кибернетска безбедност и сигурност на инфраструктурата при Одделот за национална безбедност слично реагираше, наведувајќи „дека нема докази дека некој систем на гласање избришал или изгубил гласови, изменил гласови или на кој било начин го загрозил изборниот процес“.

Претходно, адвокатот на кампањата на Трамп, Џеј Секулов, побара пребројување на гласовите во секоја држава што го користеше софтверот „Доминион“, за кој тврдеше дека за време на изборите, погрешно им „доделил“ 6.000 гласови на демократите на едно избирачко место во државата Мичиген.

Ако 30 држави користеа софтвер за кој веќе се покажа дека има грешка од 6.000 гласови на едно избирачко место, адвокатите треба да бараат рачно пребројување. Пост-изборниот спор е важен со цел да се заштити интегритетот на изборниот процес, како што рече претседателот, и искрено да се заштити уставот, рече Секулов.