Агентот на Елиф Елмас се огласи по честите шпекулации за трансфер на Македонецот, вели дека фудбалерот ќе ја заврши сезоната во Наполи, а потоа неговиот фокус ќе биде на Европското првенство.

Неодамна беше објавено дека Елиф Елмас е топ приоритет на Бенфика за зимскиот преоден рок, но „орлите“ не се единствениот клуб кој пројавува интерес за Македонецот,. На вратата тропнале и Лидс, Борусија Дортмунд, Борусија Менхенгладбах и РБ Лајпциг.

Се шпекулираше со понуда од 25 милиони евра, која била одбиена. Гласините за иднината на Елиф Елмас сепак продолжуваат со оглед на тоа дека фудбалерот не добива голема минутажа од Џенаро Гатузо.

Па неговиот агент реши да се огласи и да ги расчисти сите дилеми.

„Елмас ќе ја заврши сезоната во Наполи, а потоа неговиот фокус ќе биде кон настапот за Македонија на Европското првенство“, вели Џорџ Гарди во разговор со Тутомеркатовеб.