Доколку Германија се откаже од проектот „Северен поток 2“, ќе мора да плати казна во вредност од 10 милијарди евра.

Ова го изјави член на комитетот за меѓународни работи на Бундестагот, Валдемар Гердт (Алтернатива за Германија) и тој потенцираше дека гасоводот не е ниту германски ниту руски проект, но во него учествуваат повеќе од 100 компании кои ги добиле потребните дозволи.

Кога се откажувате од проект, ќе биде потребно „да се надомести штетата на сите тие компании“.

Тој потсети дека Германија ги затвора термоцентралите на јаглен, се откажува од нуклеарните централи, преминувајќи на електричен транспорт.

„Од каде ќе ги добиеме енергетските ресурси, ако се откажеме од најдобрата понуда, економска и еколошка, предложена од Русија за гас?“, додаде тој.

Гердт изјави дека изградбата на гасоводот од Русија не е погодна за Соединетите држави, дека борбата за пазарот на енергија е во тек и дека се води „со валкани политички и економски методи“.

„Оние кои се залагаат за откажување од „Северен поток 2“ треба да им кажат на своите гласачи дека поради тоа цената на енергијата ќе се зголеми – за гас и електрична енергија ќе треба да се платат 20 проценти повеќе“, рече пратеникот.

Вчера Бундестагот, со мнозинство гласови, одби да го изгласа предлогот да се запре изградбата на „Северен поток 2“.

Дискусиите за иднината на „Северен поток 2“ се вжештија по инцидентот со рускиот блогер Алексеј Навални и тврдењето на Берлин дека тој бил затруен со супстанца од групата хемиски воени отрови „новичок“, поради што од руските власти се бара да ја објаснат ситуацијата.

Голем број германски политичари сметаат дека треба да се запре работата на гасоводот, додека германската канцеларка Ангела Меркел најави дека ова се две одделни прашања.