Грција се подготвува за влијанието на големиот циклон, односно ураганот Јанус, кој денес ќе ја погоди земјата.

Експертите апелираат на претпазливост, а генералниот секретар за цивилна заштита издаде посебни упатства до граѓаните.

Грците се повикуваат да бидат внимателни и сите што живеат во сутеренски услови да побараат сместување кај семејството или кај пријателите за да се заштитат од овој медитерански циклон.

Заменик министерот за цивилна заштита, Никос Хардалиас, во обраќањето до нацијата рече дека се очекува многу лошо време. Тој предупреди на поплави и дека може да се подигне нивото на морето, особено во областите Закинтос, Келафониа, Итака, Месинина, Евија.

Медитерански тропски ураган е многу редок метеоролошки феномен во Средоземното море, а најмногу се јавува само во најтоплиот дел на Средоземното море.

За развој на урагани на Медитеранот, условите се многу неповолни: температурата на морето не е доволно висока, честопати нема доволно влага, а Медитеранот е едноставно премал за нивно развивање. Од 1948 до 2011 година се забележани вкупно само 99 циклони кои потсетуваат на ураган.

Последниот медитерански ураган беше Зорбас, кој ја погоди областа на Грција кон крајот на септември 2018 година, а неговата траекторија беше скоро идентична со онаа што се предвидува за денешниот ден.

Поради тоа невреме, сообраќајот со траекти беше запрен, како и авиосообраќајот, а училиштата беа затворени неколку дена.

Најсилниот удар на циклонот Јанус се очекува денес, но циклонот ќе се движи до сабота.