Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави денес дека создавањето на голема Албанија е закана за Србија и за регионот, за Европа и за светот, но дека на заканата не треба да се враќа со закана.

По повод изјавата на Рамуш Харадинај за референдумот за обединување на Косово со Албанија, српскиот претседател Вучиќ изјави дека Харадинај е опасен човек и дека „Голема Албанија“ ќе претставува закана за сите, но исто така посочи дека Србија ќе има адекватен одговор на тоа.

Мојот одговор е вие да правите што сакате, и ние ќе имаме добар и адекватен одговор и граѓаните не треба да се грижат за тоа, рече Вучиќ, на прашањето да ја коментира изјавата на претседателот на Алијансата за иднината на Косово (АБК) и поранешен косовски премиер, Рамуш Харадинај дека ќе распише референдум за обединување со Албанија.

Тој рече дека би сакал да слушне повеќе реакции за тоа од Вашингтон и Брисел, но и од многу други центри на моќ во светот.

Не дај Боже некој во Србија на толку висока позиција да зборуваше за некои други видови на обединување на Балканот, тие ќе ни воведоа санкции, да не речам, дека можеби и ќе не бомбардираат, рече Вучиќ.

Како што рече тој, бесмислено е да се зборува за двојни аршини и лицемерие во политиката.

Значи, тие се многу силни, тие се ужасно силни, но не грижете се. Сè друго што би рекол би било премногу и непотребно, заклучи претседателот на Србија.

Рамуш Харадинај, на фејсбук одговори на изјавата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ:

Не плашете се, господине Вучиќ. Не мора да бидете нервозни. Косово го бара само она што му припаѓа, напиша Харадинај на социјалната мрежа Фејсбук.

Тој додаде дека сепак постои начин да се избегне референдум за обединување на Косово со Албанија во 2025 година.

Постои еден многу едноставен начин, а тоа е Србија да го признае Косово како независна држава, напиша Харадинај.