Одлуката на Стејт департментот за укинување на ембаргото за воена опрема за Кипар, воведена во 1987 година, е дел од долгорочниот американски притисок врз Турција, кој трае по неуспешниот пуч во таа земја во 2016 година.

Целта е Турција да се откаже од соработката со Русија и да го намали надворешно-политичкиот апетитот што го изрази со акцијата во Либија и делумната соработка со Русија во Сирија.

Заради ограничување и контрола на Турција, најпрво беше формиран сојуз меѓу Израел, Грција и Кипар, а од друга страна, меѓу Грција, Кипар и Египет, и на тој начин се поврзани Египет и Израел. Новата одлука е порака до Турција дека Соединетите држави всушност ќе помогнат во вооружувањето на грчката влада во Никозија.

Одлуката дека Соединетите држави ќе го укинат ембаргото за продажба на воена опрема на Кипар, донесена уште во 1987 година, беше објавена на Твитер од страна на државниот секретар Мајк Помпео, а беше поздравена од кипарскиот претседател Никос Анастасијадес преку истата социјална мрежа. Помеѓу двете пораки, Помпео и Анастасијадес разговараа по телефон.

Соединетите држави покажаа мал интерес за проблемот со Кипар, поделен на јужен (грчки) и северен (турски) дел, по турската агресија на островот во 1974 година, предизвикана од намерата на грчките офицери да го припојат Кипар кон Грција.

Парадоксално, благодарение на ембаргото, меѓународно признаената (грчка) кипарска влада тесно соработуваше со Русија во областа на набавка на воена опрема. Така, Кипар го купи во тој момент најсовремениот противвоздушен систем С-300 од Русија во 1997 година, но поради турската закана за воена интервенција, мораше да се откаже од него во корист на Грција. Овој систем во моментот се наоѓа на Крит.

На американската одлука реагираше и турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, кој рече дека Соединетите држави ги занемаруваат „еднаквоста и рамнотежата“ на островот и дека Анкара очекува таа да биде преиспитана. Во спротивно, Турција, според Чавушоглу, „ќе ги преземе потребните реципрочни чекори во согласност со нејзината законска и историска обврска да ја гарантира безбедноста на турскиот народ на Кипар“.

Турција нема многу простор за маневар, освен за преговори за поделба на меѓународните води, кои содржат богати полиња на гас со други земји заинтересирани за експлоатација на гас во источниот Медитеран – Кипар, Грција и Египет.

Сè друго би било влошување и влегување во конфликт. Турците веќе направија низа инциденти. Минатата година тие имаа над 420 летови што го нарушуваа грчкиот воздушен простор. Веќе се случи судир меѓу два воени брода. Повеќе од тоа би било размена на оган.

Кипарското прашање е само едно во низата што ги нарушува грчко-турските односи. Тие односи станаа уште полоши откако Турција започна со истражување на наоѓалишта на гас во спорните води околу Кипар, но и на други места во источниот Медитеран, кои Грција ги смета за свои територијални води.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *