Америка сè уште не гори. Но пламенот на граѓанските судири сè повеќе се разгорува, од Кеноша во Висконсин, каде приврзаникот на Доналд Трамп, Кајл Ритенхаус уби двајца демонстранти, до Портланд во Орегон, каде беше убиен Арон Џеј Даниелсон, приврзаник на сегашниот претседател. А, Американците, во пресрет на изборите во ноември, купуваат оружје во рекордни количини.

Трамп се однесува како животно натерано во стапица, пишува Вашингтон пост и обвинува: Претседателот се обидува да предизвика расна војна на улиците на Америка.

Истото обвинување против Трамп го повтори неговиот претседателски противкандидат Џо Бајден. Доналд Трамп, според Бајден, во насилството гледа како негова политичка сламка на спасот . Затоа го поддржува и охрабрува хаосот и насилството, вели тој.

Доналд Трамп, деновиве објави дека еден авион за Вашингтон бил „полн со насилници во темни, црни униформи“, подготвени да „направат голема штета“. И тие, според сегашниот американски претседател, биле организирани од моќни „луѓе за кои никогаш не сте чуле, луѓе во темни сенки“, кои, како што вели Трамп, го контролираат и Џо Бајден.

Изборите веројатно ќе го разгорат насилството и ќе предизвикаат уставна криза, предупредува Вашингтон пост.

Само убедливата победа на Џо Бајден ќе резултира со релативно мирно предавање на власта. Секое друго сценарио што го разгледавме вклучува улично насилство и политичка криза, анализира Всшингтон пост.

Ако сегашниот претседател на САД предупредува дека изборите можат да бидат наместени, тогаш е јасно дека се приближуваме до избори какви што немало во американската историја.

Причината за ова предупредување на Трамп ја даде опозициската Демократска партија, чија главна компанија за анализа на изборните податоци „Хокфиш“ предупредува дека во изборната вечер, и покрај сите анкети, Трамп може да забележи убедлива победа. Што потоа ќе биде свртено во корист на Бајден кога ќе се избројат гласовите испратени по пошта.

Истото предвидување, дека победата на Трамп на гласачките места потоа ќе биде ревидирана, го дава и основачот на Фејсбук, Марк Закерберг, истакнувајќи дека „Американците треба да бидат подготвени“ и објаснувајќи дека „нема ништо незаконско во тоа што може да бидат потребни денови и недели за да се преброени сите гласови “испратени по пошта.

Проблемот е во тоа што овие гласови се лесни за манипулирање. Доказите доаѓаат од Џорџија, каде се откриени повеќе од илјада луѓе кои гласаа двапати на прелиминарните избори во јуни, и по пошта и лично на избирачкото место.

Доналд Трамп предупредува на Твитер: 80 милиони гласачки ливчиња се испраќаат до луѓе кои не ги побарале. Се подготвува тотална кражба. Погледнете што се случува во моментов!

И не треба многу имагинација да се замисли како, во ваква зовриена атмосфера, би реагирале приврзаниците на Трамп ако дојде до пресврт на изборите предизвикан од сомнителни гласови. Бидејќи, Хилари Клинтон јавно го советуваше Бајден во изборната вечер да не „признава пораз под никакви околности“ .

И тука некаде лежи одговорот на прашањето кои се тие луѓе од темната сенка за која зборува сегашниот претседател на САД. Токму таа длабока држава или мочуриштето во Вашингтон ги вклучува разузнавачката заедница, армијата, медиумите, двете партии, со еден збор, естаблишментот што е поврзан со заеднички стремеж да ги контролираат САД и целиот свет, и со нив Трамп досега не успеа да се справи.

И сега се поставува прашањето дали овие структури ќе му ја украдат изборната победа со масовно гласање во отсуство, по пошта!?