САД може да започнат вакцинација против ковид-19 со вакцината на компанијата Фајзер веќе во понеделник по одобрување од страна на регулаторите, рече министерот за здравство Алекс Азар.

Ќе работиме со Фајзер на процес на широка вакцинација и ќе можеме да видиме како луѓето се вакцинираат во понеделник или вторник следната недела, рече тој во интервјуто за телевизијата Еј-Би-Си.

Вчера, советодавна комисија на американската Агенција за храна и лекови препорача да се дозволи употреба на вакцината во САД.

Азар предвидува дека агенцијата веројатно ќе го стори тоа „во следните два дена“. Дозите ќе бидат доставени директно до болниците и аптеките, кои ќе ги вакцинираат двете приоритетни групи – жителите на домовите за стари лица и оние кои работат во здравствениот сектор.

Портпарол на агенцијата изјави дека вакцината нема да им се препорачува на луѓето кои се алергични на која било од нејзините состојки.

Соединетите држави се најпогодени од пандемијата во светот. Вкупниот број на регистрирани заразени е 15,6 милиони, а повеќе од 292 илјади луѓе починале, соопшти Универзитетот Џон Хопкинс.