САД не сметаат дека Александар Лукашенко е легално избран претседател на Белорусија, изјави претставник на Стејт департментот за РИА Новости.

Изборите одржани на 9 август не беа ниту слободни ниту фер. Објавените резултати беа измислени и не го одразуваат легитимитетот. Соединетите држави не можат да го сметаат Александар Лукашенко за легално избран лидер на земјата, рече портпаролот на Стејт департментот, коментирајќи ја денешната инаугурација на Лукашенко.

Лукашенко ја презеде функцијата денес како претседател на Белорусија. Церемонијата на инаугурацијата се одржа во Палатата на независноста, објавија белоруските медиуми. Во согласност со Уставот на Република Белорусија, Претседателот стапува на должност откако ја положи заклетвата.

Да потсетиме, претседателските избори се одржаа во Белорусија на 9 август, по што започнаа масовни протести на опозицијата.

Во екот на најсилните протести во Минск, најмладиот, третиот син на белорускиот претседател Александар Лукашенко, 16-годишниот Николај, неодамна исчезна од Минск во непознат правец.

Се шпекулираше каде е Коља се додека рускиот таблоид КП не објави дека синот на Лукашенко е инкогнито допатуван во Москва, под друго име. Руските медиуми веднаш открија дека Николај во моментот е во белоруската амбасада во Москва, но сè уште не се знае дали ќе го продолжи своето образование во елитната гимназија на Московскиот универзитет или во уште поелитниот, приватен колеџ „Президент“ во ексклузивното предградие на Москва, каде месечната рата надминува две илјади евра.

Двете училишта велат дека немаат нов ученик под тоа име, но се шпекулира дека тој дошол во Москва со лажен идентитет.

И двете внуки на белорускиот Претседател Лукашенко, Анастасија и Дарија, исто така се отпишани од училиштата каде се школуваа и им се губи трагата по настаните што ја зафатија Белорусија.

Имено, како што објавија некои белоруски медиуми, членовите на семејството Лукашенко го напуштиле школувањето во нивната земја затоа што им било непријатно да продолжат да учат во истите клупи со професори кои ги блокираа улиците и плоштадите во Минск барајќи заминување на нивниот татко и дедо.

Заминувањето на миленикот на Лукашенко и неговиот најмлад син во Москва многумина го сметаа за претходница на можното заминување и на неговиот татко од Белорусија по примерот на екс украинскиот претседател Виктор Јанукович или киргискиот шериф Аскар Акаев, кои исто така најдоа прибежиште во оградените предградија на Москва во бегството од гневот на некогаш саканиот народ.