Меѓу проектите за кои Американската агенција за развој ќе и обезбеди финансиска помош на Србија е проектот за истражување и експлоатација на литиум во Србија.

Дека литиумот не е тема за која големите играчи сакаат да зборуваат јавно е потврдено со фактот дека една од најголемите рударски компании во светот „Рио тинто“ со седиште во Лондон, која е присутна во Србија од 2007 година и истражува литиум, одби да зборува за тоа пред една година за Блумберг.

Друга компанија, која исто така во Србија се занимава со „златото на 21 век“, „Јадар литиум“, со седиште во Австралија, која, според пишувањето на њујоршката агенција, се состои од група непознати инвеститори претставени од американската инвестициска банка „ЈП Морган Чејс“, одбила да прецизира каде истражува.

Сето тоа, на крајот на краиштата, не треба да изненадува, бидејќи трката на најсилните, а пред се Америка и Кина, за литиумот, трае веќе подолго време.

Според Блумберг, проценетите резерви на литиум во Србија се најголеми во Европа, а прелиминарните истражувања покажуваат дека може да бидат околу 200 милиони тони. Американскиот геолошки институт претпоставува дека станува збор за дури еден милион тони литиум. Сепак, Блумберг проценува дека резерви се доволно големи за да му помогнат на европскиот континент да се натпреварува со Азија, а особено со Кина.

Кина е трет по големина светски производител на литиум и врвен производител на литиум-јонски батерии, но исто така е и најголем производител на електрични автомобили и телекомуникациска опрема.

Само во 2018 година, производството на литиум во светот скокна за една четвртина. Се проценува дека побарувачката за литиумски батерии ќе се зголеми осум пати во следните 10 години.

Кон крајот на минатата година, американскиот геополитичар Вилијам Енгдал, во анализа за порталот Глобал рисрч, објасни дека војната меѓу Кина и САД, двете индустриски и технолошки суперсили, веќе се води за наоѓалишта на литиум низ целиот свет. Тој предупреди дека побарувачката е огромна во Кина, ЕУ и САД и дека обезбедувањето контрола над залихите веќе развива геополитички фронт.

За Кина, која е најголем светски производител на електронски автомобили, развојот на литиумски батерии е приоритет во петгодишниот план. Иако има свои резерви на литиум, тие се ограничени и затоа сака да ги обезбеди правата за ископување во странство.

Современите конфликти во светот најмногу ќе се случуваат поради литиумот, заклучи Ендгал.