Со отворање на претставништвото во Белград, Американскиот фонд за развој ДФЦ се обидува да одговори на проширувањето на влијанието на Пекинг во регионот, но со фонд од само 60 милијарди долари, тешко дека може да одговари на кинескиот „Појас и пат“.

Договорот за економска нормализација меѓу Белград и Приштина, постигнат во Вашингтон, предвидува, меѓу другото, и доаѓање на ДФЦ во Србија, со цел да се финансираат пред се инфраструктурни проекти во целиот балкански регион.

Тој фонд е неодамна формиран, односно започна со работа на 2 јануари годинава, со амбиција да се справи со моќта што доаѓа од Кинеската банка за развој, која е финансиски многу помоќна.

Оваа агенција исто така е овластена да позајмува пари, или на приватни компании или влади и да инвестира капитал. Тие дури презедоа некои функции на УСАИД, што зборува за желбата да им се парира на кинеските инвестиции и капитал кој влегува во регионот.

Економските експерти велат дека ДФЦ е исполитизирана институција која е врзана за Трамп и неговата администрација.

Колку ќе трае тоа е големо прашање и тоа се гледа по капиталот. Не можете да и парирате на Кина, која располага со илјадници милијарди слободен капитал, со 60 милијарди долари, колку што изнесува фондот со кој располага ДФЦ, велат економистите.

Во Македонија веќе се реализираат неколку кинески инвестиции, првенствено во инфраструктура и автопати. Се очекува најголемата инвестиција да биде железницата од Будимпешта до Грција која ќе поминува низ Македонија.

Минатата година во Охрид, државниот секретар на САД, Мајк Помпео ги предупреди македонските власти да внимаваат на кинеските кредити бидејќи се коруптивни. Против поранешниот премиер Никола Груевски и министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиевски веќе се водат судски процеси поврзани со кинески инвестиции во Македонија.