Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе ја испрати војската за да ги задуши насилните протести и безредија во десетици градови во земјата предизвикани од убиството на еден Афроамериканец во полициски притвор.
Трамп порача дека ако градовите и сојузните држави не успеат да ги контролираат протестите и „да ги одбранат своите жители“, тој ќе ја распореди армијата и „брзо ќе го реши проблемот за нив“.
Претседателот на САД имаше кратко обраќање од Белата куќа, додека во заднина одекнуваа звуците од протестите. Трамп рече дека сите Американци со право биле револтирани од бруталната смрт на Џорџ Флојд, но нагласи оти неговото сеќавање не смеело да биде задушено од „гневната толпа“. Тој ги опиша сцените на грабежи и насилство во главниот град како „тотален срам“ пред да се заложи за зајакнување на одбраната на градот.
– Испраќам илјадници тешко вооружени војници, воени лица и полицајци за да престанат безредијата, грабежите, вандализмот, нападите и безобразното уништување на имотот – нагласи Трамп.

Тој потоа го сврте вниманието кон националните протести, за кои ги обвини „професионалните анархисти“ и антифашистичката група Антифа. Трамп претходно најави дека има намера да ја прогласи Антифа за терористичка организација. Трамп ги повика градовите и државите да ја распоредат Националната гарда „во доволен број“ за да доминирала на улиците. Околу 16.000 нејзини припадници досега се распоредени за да се справат со безредијата, посочува Би-би-си.
– Ако некој град или држава одбијат да ги преземат неопходните дејства, тогаш јас ќе ја распоредам армијата на САД и брзо ќе го решам проблемот за нив. Сакам организаторите на овој терор да знаат дека ќе се соочат со сериозни казни – нагласи Трамп.

Додека Трамп даваше изјави во Белата куќа, полицијата со гумени куршуми и со солзавец ги растера демонстрантите што мирно протестираа пред неа, за да може претседателот потоа да ја премине улицата и да позира пред т.н. Црква на претседателите, која претходно беше делумно оштетена во пожар за време на безредијата. Тој се фотографираше пред црквата „Св. Јован“ со библија во рацете и порача дека е „претседател на законот и редот“. Таквиот потег и изјавите веднаш беа критикувани од политичките ривали, но и од христијански свештеници, кои порачаа дека Трамп ја злоупотребил црквата за политички цели. Истовремено, демократскиот претседателски кандидат Џо Бајден нагласи оти Трамп сакал да ја употреби армијата на САД против американскиот народ.

Аналитичарите коментираат дека Трамп со обраќањето се чини повеќе навестува ескалација на употребата сила отколку смирување на страстите. Според нив, тој во говорот воопшто не спомнал полициски реформи, што е една од главните причини поради кои и избија протестите.
По смртта на Џорџ Флојд минатата недела во Минеаполис, протестите против расизмот и полициската бруталност ескалираа во повеќе градови. Во најновите инциденти, четворица полицајци се застрелани и ранети во Мисури, а две лица се убиени за време на безредијата во Чикаго. Во меѓувреме, десетици големи градови, како Њујорк или Вашингтон, воведоа полициски час во вечерните часови, кои главно не се почитуваат.
Протестите избија откако беше објавена снимка на која се гледа како белиот полицаец Дерек Шовин клечи речиси девет минути врз вратот на Флојд при неговото апсење, додека тој се жали дека не може да дише. Полицаецот е обвинет за убиство од трет степен и ќе се појави пред суд наредната недела. Тројца други полицајци се отпуштени. Патологот што извршил аутопсија на телото на Флојд ја класифицира неговата смрт како убиство.

Случајот со Флојд повторно го откри на површина гневот од полициските убиства на Афроамериканците и расизмот во Америка. Тој следува по редица други случаи на Афроамериканци убиени од полициските служби, што доведоа до подем на движењето против полициската бруталност и расизмот во земјата. За многумина, бесот, исто така, е одраз на повеќегодишните фрустрации поради социјално-економската нееднаквост и дискриминација, особено во самиот Минеаполис, каде што е убиен Флојд.


Напишете коментар