Според проекцијата на американските медиуми, ова се конечни резултати од претседателските избори во Америка – демократот Џо Бајден освои 306 електорски гласови, а сегашниот претседател Доналд Трамп 232 електорски гласови.

Американските медиуми дојдоа до тој резултат откако ја проектираа победата на Бајден во сојузната држава Џорџија и на Трамп во Северна Каролина.

Како што објави Си-Ен-Ен, Џорџија носи 16 електорски гласа, а Северна Каролина 15, што значи дека Бајден ќе има вкупно 306 електорсли гласа, а Трамп 232 гласа, според математиките на медиумите.

Во меѓувреме беше објавено дека Белата куќа се подготвува за вториот мандат на Доналд Трамп, како што изјави економскиот советник на актуелниот претседател на САД, Питер Наваро.

Во Белата куќа продолжуваме да работиме, верувајќи дека Трамп ќе има втор мандат. Мислам дека е навистина важно да се разбере дека ние сакаме легални гласачки ливчиња, избори што може да бидат потврдени и истрага за зголемениот број на обвинувања за проневера дадена од сведоци кои потпишаа писмени изјави под заклетва, додаде Наваро.

Трамп, кој се појави многу малку во јавноста од изборите, започна вистински легална герила акција за да ги оспори резултатите во неколку американски држави. Тој и оние што го поддржуваат повторуваат дека имало проневера од големи размери.

Американските агенции, задолжени за безбедност на изборите вчера потврдија дека „нема докази“ дека имало измама на изборите на кои победи Џо Бајден.

Државниот суд во Мичиген денеска ја одби жалбата на приврзаниците на Доналд Трамп, кои побараа од него да престане да ги потврдува гласовите во Детроит, каде мнозинството го освои демократот Џо Бајден.