Специјалниот разузнавачки комитет на американскиот Сенат дошол до заклучок дека рускиот претседател Владимир Путин, наводно, дал наредба да се обидат да ги хакираат серверите на Демократската партија во 2016 година, се наведува во извештајот објавен по истрагата на законодавците, без да се приложат докази за тие тврдења.

Комитетот утврди дека рускиот претседател даде наредба да се обидат да ги хакираат компјутерските мрежи и корисничките налози поврзани со Демократската партија, како и да се обезбеди истекување на информации што ќе и штетат на Хилари Клинтон и нејзиниот изборен штаб, се наведува во документот.

Целта, според авторите на документот, била да и се наштети на Хилари Клинтон „со помагање на изборниот штаб на Доналд Трамп“, како и да се поткопаат демократските процеси во Соединетите држави.

Во 2018 година, Министерството за правда на САД поднесе обвиненија против 12 Руси, како дел од истрагата на специјалниот обвинител Роберт Милер за можно руско мешање на изборите, нарекувајќи ги разузнавачи и обвинувајќи ги за хакерски напади врз серверите на Демократската партија.

Американскиот лидер Доналд Трамп повеќе пати рече дека Украина, а не Русија, стои зад хакирањето на серверите на Демократската партија.

Русија во неколку наврати ги негираше обвинувањата дека се обиделе да влијаат на демократските процеси во различни земји, а портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги нарече „апсолутно неосновани“. Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, истакна дека нема докази што ќе го потврдат тврдењето за руско мешање.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *