Дебатата за миграцијата во Германија повторно се разгоре денеска откако авион со 138 лица кои побегнаа од Авганистан и беа класифицирани како ранливи, слета во Германија, јавува ДВ.
Конзервативната ЦДУ, чиј лидер Фридрих Мерц е кандидат за нов канцелар, ја обвини коалицијата во заминување дека пред промената на власта ги забрзала таканаречените летови за прием на бегалци, што според нив ја зајакнува поддршката за екстремната десница.
Сепак, властите посочуваат дека сите патници од овој лет веќе добиле одобрение за влез во земјата, а застапниците го потсетуваат Берлин на неговата хуманитарна обврска кон луѓето кои сега се во опасност во Авганистан, бидејќи работеле за германската армија или институции пред талибанското преземање на Кабул.
Според податоците, меѓу патниците имало 45 деца и млади лица, а од останатите возрасни 76 се жени и 62 мажи. Се наведува дека сите патници се од различни програми и дека имаат законски обврзувачка гаранција за прифаќање. Авионот, изнајмен од федералната влада, полетал од Исламабад, Пакистан.
„Во овие случаи има конкретни, претходни гаранции од Германија“, потенцираше портпаролот на МВР, додавајќи дека безбедноста е приоритет, па секој поединец е темелно проверен пред да влезе.
Три вакви летови слетале во Германија во февруари и март, а од Авганистан годинава пристигнале вкупно 461 лице. Меѓу пристигнатите има поранешни вработени во германските институции и нивни роднини, како и Авганистанци прогонувани од талибанците, меѓу кои и поранешни адвокати и новинари. Според податоците на Министерството за надворешни работи, околу 2.600 особено ранливи лица од Авганистан во моментов чекаат во Пакистан да влезат во Германија, јави ДВ.
Новата коалиција на ЦДУ/ЦСУ и СПД планира да ги укине доброволните федерални програми за прифаќање и нема намера да започнува нови. Експертот за внатрешни работи на ЦДУ, Александар Тром, рече дека таквите програми ќе бидат укинати „колку што е можно повеќе“. Поранешниот претседател на Бундестагот Бербел Бас (СПД) не ја отфрли можноста Германија сепак да прима бегалци од Авганистан, во зависност од правните прашања и договорите со партнерите.
Претставникот на Зелените, Константин фон Ноц, ги бранеше летовите, нагласувајќи дека сите патници поминале строги безбедносни проверки и имаат законски обврзувачка гаранција од Германија и дека откажувањето на програмата би значело „свесно прекршување на ветувањето и отфрлање на човештвото“.
Фридрих Мерц најави построги мерки против нередовните пристигнувања и зголемени депортации, откако АфД стана втората најсилна партија во парламентот на бранот антиимигрантски чувства.