Ако помине интерпелацијата, доблесно е членовите на Судскиот совет да се повлечат, порача Мицкоски

Ако интерпелациите поминат, односно ако мнозинството пратеници изгласа недоверба, посочените членови на Судскиот совет, би било доблесно да се повлечат од функцијата, рече премиерот Христијан Мицкоски, во одговор на прашањето за интерпелацијата поднесена во Собранието од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој нагласи дека новите членови на Судскиот совет би се бирале според постоечките законски критериуми.

„Нема начин со сила да биде разрешен Судскиот совет, ниту членовите кои се избрани од Собранието, а за кои е поднесена интерпелација. Можат да не дадат оставки и покрај изгласаната недоверба. Сепак, борбата за промени во правосудниот систем ќе биде со јавен притисок.

Органот којшто ги избрал тие пет члена има право да даде свое мислење за нивната работа и тој со тоа што не им го прифатил извештајот за работа дал свое мислење. И сега логично е дека можат пратениците да поднесат таква процедура за интерпелација на членовите на Судски совет кои тие ги избрале, бидејќи таму нема членови на Судски совет кои се бирани само од пратениците, има и од судовите итн. Но, ќе повторам, тоа не значи дека им престанува мандатот на тие членови. Сепак, тие можат да си речат дека не си поднесуваме оставка и ќе останеме и понатаму да го водиме судството со доверба кај граѓаните од два проценти. Условно кажано, законот е таков – непрецизен и може тоа да се случи, рече Мицкоски.

Тој додаде дека на сила не можат да направат ништо, но дека има и други алатки ако членовите на Судскиот совет не се повлечат.

„Да нема дилема кои се алатките, тоа е јавноста. Вистината е најпрецизна во јавноста, ќе се бориме во јавноста. Ценам дека јавноста не е задоволна од работењето на овој состав на Судскиот совет и мислам дека нема подобра алатка од јавноста. Апсолутно со јавен притисок, рече Мицкоски.

Во однос на Советот за јавни обвинители, Мицкоски порача дека реформите ќе се одвиваат чекор по чекор.