„Има забелешки, но има и подобрувања, Северна Македонија е еден од лидерите во регионот во однос на целокупната медиумска слика во државата“, вели американската амбасадорка Анџела Агелер во интервјуто за МИА, прашана да направи споредба со медиумите пред десетина години кога беше во Амбасадата на САД за време на мандатот на тогашниот амбасадор Филип Рикер и сега.
„Навистина е интересно кога зборувам со новинари-пријатели тука и кои беа таму, и една работа на која ѝ се восхитувам од пред 10-12 години е храброста и посветеноста на луѓето како тебе и други колеги за да се направат тие реформи. Знам дека денес постои голема загриженост поради фактот дека бројот на млади луѓе што се запишуваат на Факултет на новинарство се намалува, дека постои голем притисок врз медиумите. Искрено, таков е случајот низ целиот свет. Тоа се гледа и во САД бидејќи опкружувањето се промени и економијата на медиумите се промени. Така, некои од претпоставките што можевме да ги дадеме пред 12 години веќе не се истите. Но, има и добри примери, Репортери без граници се уште има забелешки, додека Транспаренси интернешнл нотира подобрувања и покажува дека Северна Македонија е еден од лидерите во регионот. Но има големи предизвици“, вели Агелер.
Според неа, дел од причината зошто младите луѓе не се запишуваат на студии по новинарство овде е поради тоа што голем дел од нив заминуваат и бараат подобар живот на друго место.
„Се надевам дека важната улога што ја играат медиумите, преку ЗНМ и други организации, е да продолжат да фрлаат светлина на вистината и како таа влијае врз граѓаните. Мислам дека тоа е голема улога што продолжува да биде од суштинска важност за тие организации“, оцени Агелер.
Во однос на борбата против дезинформациите и лажните вести, Агелер оценува дека во тоа од голема важност е медиумската писменост со цел граѓаните да се обидат да разберат што е реално, а што не.
„Тоа е многу важно прашање. Како што знаете, нашиот координатор од Global Engagement Center беше неодамна овде за да разговара со раководството и новинарите околу дезинформациите и улогата на малигни фактори, како што ние ги нарекуваме, во рамките на медиумите. Знаеме дека Русија игра малигна улога во однос на дезинформациите, погрешните информации, недостиг на информации и се обидува негативно да влијае врз опкружувањето. Она што го велите, и ова е нешто што за што сме разговарале повеќепати, е важноста на медиумската писменост, со цел консументите на оваа програма или она што го гледаат онлајн, граѓаните на оваа земја, да се обидат да разберат што е реално а што не, и да ги постават тешките прашања. Многу често гледаме застапници кои ги користат овие малигни актери за да креираат хаос. Тие не сакаат мирен разговор за фактите, тие сакаат да сејат хаос во земјата“, вели Агелер.
Таа како пример за ова ги посочува заканите за бомби што се пријавуваа во училишта низ целата држава.
„Тоа ги плашеше родителите, ги плашеше учениците и имаше негативен ефект. Како што ние гледаме, понекогаш ова е таргетирано, друг пат овие малигни актери ја искористуваат ситуацијата на несигурност и работат на тоа истата да се влоши. Тесно соработуваме со медиумските организации и Владата во обидите да се идентификуваат дезинформациите и што можеме да направиме за да можеме самите да ги таргетираме“, истакна амбасадорката.
Во однос на тоа дека медиумите многу поревносно работат во откривање на корупција и криминал, за разлика од тоа колку сработуваат институциите, таа вели дека дел од работата на новинарите е да ги поставуваат тешките прашања.
„Мислам дека ова е многу важно прашање и сум го слушнал тоа повеќе пати, како новинарите велат „зошто е ова моја работа“?` Па тоа и е ваша работа. Дел од работата на новинарите е да ги поставуваат тешките прашања. Има многу добри истражувачки новинари во ова земја. Вие сте еден од нив, сте им поставувале тешки прашања на лидери и други луѓе во текот на годините и тука лежи важната улога на медиумите. Сепак, тоа не ги заменува обврските за оние вклучени во истражување и гонење на криминал. Тука е улогата на полицијата, тука е улогата на обвинителите, тука е улогата на бранителите и тука е улогата на судиите. Секој треба да си ја врши работата за сево ова да функционира. Мислам дека улогата на медиумите во ова е од суштинско значење, но тоа не ја заменува потребата за оние во рамките на правосудството кои се одговорни да гонат криминал да го прават тоа“, кажа Агелер во интервјуто за МИА.