Околу 260 луѓе беа во театарот Аполо во Белвидер.
Едно лице загина, а десетици се повредени кога силен ветер урна покрив на сала во градот Белвидер во сојузната држава Илиноис, каде во моментот на невремето се одржуваше хеви метал концерт, јавуваат американските медиуми .
На концертот на бендот „Морбид ангел“ во моментот на несреќата имало околу 260 луѓе, а инцидентот се случил околу 19:55 часот по локално време, јавуваат медиумите.
Како што јави Би-Би-Си, локалниот началник на пожарникарите им рекол на новинарите дека 28 лица се пренесени во болница, од кои пет се во тешка состојба.
Вчера низ повеќе сојузни држави во САД ечеа низа силни торнада, а досега се забележани 3 жртви.
Пријавени се големи штети во јужниот и средниот запад на САД, а вонредна состојба е прогласена во сојузните држави Арканзас и Мисури . Десетици илјади луѓе останаа без струја.
Големо торнадо го погоди главниот град на Арканзас, Литл Рок, превртувајќи возила, рушејќи покриви и дрвја. Најмалку 24 лица се повредени , потврди градоначалникот на Литл Рок.
Гувернерот на Арканзас Сара Хакаби Сандерс ја потврди смртта на две лица во градот Вајн.
Повеќе од 40 торнада беа потврдени во петокот во САД, во шест држави. Неколку летови беа откажани, а градоначалникот на Ковингтон, Тенеси, ги повика луѓето да не користат возила поради оштетување на електричната мрежа.
Ноќта на најсмртоносните торнада во САД дојде само една недела откако силно торнадо уби 26 луѓе во Мисисипи. Ова торнадо поминало дури 94 километри и траело час и 10 минути, што е невообичаено долго за торнадо. Оштети повеќе од 2.000 станбени згради.