,,Безбеден град сè уште се чека!” – Над 140 луѓе годишно го губат животот во сообраќајни несреќи

Во подготовка е долгоочекуваниот систем „Безбеден град“ кој ќе ги евидентира и санкционира сообраќајните прекршоци, но од МВР сè уште не прецизираат кога ќе биде целосно пуштен во употреба. Над 140 лица во земјава секоја година се жртви на сообраќајни несреќи, многу од нив токму поради сериозни сообраќајни грешки, но системот што треба да ги открие сè уште не е во функција.

„Поставувањето на камерите се очекува да заврши во текот на 2025 година. „Сообраќајниот прекршок ќе се документира со соодветни технички средства и уреди за снимање, додека на сопственикот на возилото ќе му биде доставена соодветната пријава за сторен сообраќаен прекршок“, соопшти МВР.

Освен што „Безбеден град“ сè уште се чека, сегашниот Кривичен законик не предвидува високи казни ниту за сторителите на кривични дела со смртни последици. Законот предвидува минимум четири години затвор, додека во пракса вообичаено се изрекуваат казни од четири до пет години. Но, во новиот Кривичен законик, кој во моментов е во фаза на изработка, се подготвуваат измени и се предвидуваат повисоки казни, изјави министерот за правда.

„Постојано работиме на усогласување на сите можни законски решенија со нашиот колега Тошковски, како за безбеден град, така и за ова што го кажувате, затоа се залагаме за максимални казни“, изјави Игор Филков, министер за правда.

Според статистиката на МВР, лани 24 пешаци го загубиле животот во сообраќајни несреќи на бело светло, додека бројките покажуваат дека од 2010 година на македонските патишта животот го загубиле меѓу 116 и 198 лица. Потребата од построги сообраќајни правила беше особено видлива во неодамнешниот случај кога 22-годишната Фросина Кулакова беше удрена од 20-годишник без дозвола и под дејство на алкохол, додека поминувала на булеварот „Партизански Одреди“ на пешачки премин и на зелено светло.