Не помина ниту еден месец откако српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека е „одвратна лага“ дека Србија и продава оружје на Украина кога изјави: „Ние не сме продале ниту едно парче оружје или муниција на Русија или Украина“, а сега тајните воени документи на Пентагон кои протекоа во јавноста, што ги објави медиумската агенција Reuters, потврдија дека приказната е дијаметрално спротивна.
Според еден објавен таен документ, Србија е меѓу 38-те европски земји кои се договориле или веќе испратиле оружје во Украина и имаат намера тоа да го прават во иднина, односно како што се наведува во документот – „Србија има политичка волја и воена способност за снабдување на Украина со оружје“. Во сето ова, дополнително е интересно што Србија е во исто време единствената европска земја која не воведе санкции кон Русија и игра на „неутралност во конфликтот“, иако гласаше за сите три резолуции на Обединетите нации за осуда на руската агресија врз Украина.
Според последните анкети, повеќе од 66 отсто од Србите сметаат дека за војната е виновен Западот, а не Русија. Александар Вучиќ неодамна изјави дека не знае „уште колку ќе може да се спротивстави за да не се воведат санкции“ и се правдаше дека речиси 72 отсто од Србите се против војната, но сепак анкетите тоа го негираат.
Додуша, неодамна министерот за економија Раде Баста прво застана во одбрана на санкции бидејќи, како што кажа, невоведувањето „штети на српската економија“, а потоа го повлече своето барање и изјава. Се испостави дека тоа го направил по налог на Александар Вучиќ за да ја предупреди јавноста, но и да покаже дека во неговата околина има „различни мислења“.
Александар Вучиќ неодамна изјави дека војната во Украина „ќе се претвори во рововска војна“ и дека во неа нема победници.
Сепак, да потсетиме дека пред еден месец протече веста дека Србија преку Турција испорачувала воена опрема и муниција во Украина од најголемата српска фабрика за оружје „Крушик“ од Ваљево. Тогаш Москва официјално побара Белград да даде изјава за овие испораки.
Како што веќе знаеме, Александар Вучиќ отфрли се, а „Крушик“ ова го нарече како „ноторна лага“. Исто така, треба да се потсети дека во средината на минатата година во Грција се урна воен авион кој превезуваше оружје од Србија за Украина. Но, тоа не е се.
Според московскиот весник Komersant, во јуни годинава на југот на Србија ќе се одржат двонеделни воени вежби на НАТО и на српската Армија наречени „Платинест волк“. Ова го потврдија и од Министерството за одбрана на Србија, а исто така српската Влада го потврди ова на почетокот на март, но не беше „објавено“ во јавноста. Во Москва не го криеја разочарувањето од таа одлука, но кусо порачаа дека „сигурно внимателно ќе следат што се случува на таа вежба“ и ќе ја проценат понатамошната лојалност на Александар Вучиќ.
Komersant сепак забележува дека Александар Вучиќ по почетокот на „специјалната воена операција“ најавил дека ги „замрзнува сите активности со НАТО и Русија“, а сега и двете страни тоа го демантираат. Сепак, на крајот на март, специјалниот советник на американскиот Стејт департмент, Дерек Шолет, на својот профил на социјалната мрежа Твитер го пофали претседателот Александар Вучиќ за „обновувањето на воените односи со САД и учеството на српската Армија во заедничките одбранбени маневри“.
Руските медиуми наведуваат дека во февруари во САД престојувал началникот на Генералштабот на српската армија, генерал Милан Мојсиловиќ, за што српските прорежимски медиуми не пишувале многу. Последните истражувања покажуваат дека речиси 80 отсто од Србите се против членството на Србија во НАТО.
Во Кремљ ги „боцкаа ушите“ и сè уште покажуваат одредена доза на разбирање бидејќи, како што вели портпаролот на Владимир Путин, Дмитриј Песков, „Србија е под невиден притисок од Западот“, но тој истакна дека „внимателно го следиме и ја проучуваме ситуација“.
И американскиот експерт за Балканот, Јануш Бугајски, вели дека документот, доколку е автентичен, го покажува или дволичноста на Вучиќ кон Русија или дека тој навистина е под голем притисок од Вашингтон.
Според некои „финти“ од Белград, Вучиќ, кој и онака постојано го обвинуваат дека седи на две столчиња, се обидува со оваа политика да извлече некои отстапки од САД во однос на Косово, како што е воспоставувањето на т.н. Заедниците на српските општини, со цел да се претстави пред јавноста како своевидна победа над Албин Курти. Истовремено, тој се обидува да одржува добри односи со Русија, за кои смета дека поради правото на вето во Советот за безбедност може да му биде од корист во спорот за Косово.