Богатството на кралот Чарлс значително се зголеми оваа година: Причината е наследство од неговата мајка

Вкупното богатство на британскиот крал Чарлс се зголеми за 30 милиони фунти минатата година на вкупно 640 милиони, што го прави богат колку Риши Сунак и неговата сопруга Акшата Марфи.

Имено, Чарлс, кој се искачи на тронот во 2022 година, сега е на 238-то место на листата од 350 најбогати луѓе и семејства во Обединетото Кралство, што е за 20 места погоре во однос на 2024 година.

Според „Сандеј тајмс“, Чарлс е побогат за 140 милиони фунти од Дејвид и Викторија Бекам, за кои се вели дека вредат 500 милиони фунти. Бекам се смета за најбогата британска спортска ѕвезда.

Според „Сандеј тајмс“, најголемиот дел од заработката на кралот Чарлс, кој сè уште се лекува од рак, доаѓа од средства што ги наследил од неговата мајка, кралицата Елизабета Втора. Приватните имоти Сандрингем во Норфолк и Балморал во Абердиншир, кои порано ѝ припаѓале на кралицата Елизабета II, сега се дел од неговото финансиско богатство.

При проценка на богатството, „Сандеј тајмс“ ги вклучува само личните средства. За потсетување, на втората годишнина од крунисувањето на кралот Чарлс, неодамна во Централната сала на Националната галерија во Лондон беа откриени два нарачани државни портрети на кралот Чарлс и кралицата Камила.

Портретите, кои ќе бидат дел од кралската колекција, се насликани од двајца различни уметници избрани од кралот и кралицата.

Кралот одбрал да биде насликан од Питер Куфелд, а Кралицата од Пол С. Бени. Портретот на кралот го прикажува како носи државна регалија, заедно со поморска униформа со медали, а кралицата е прикажана во нејзината крунисувачка тога.