Брнабиќ и Вилјам Пич разговараа за ситуацијата во регионот

Ситуацијата во регионот и билатералните односи биле тема на денешните разговори во Белград меѓу премиерката на Србија Ана Брнабиќ и специјалниот пратеник на Обединетото Кралство за Западен Балкан Стјуарт Вилијам Пич.

Едно од прашањата за кое се разговарало на средбата се односите меѓу Белград и Приштина. Како што е наведено во соопштението на Владата на Србија, Брнабиќ истакнала дека регионалната соработка е еден од надворешнополитичките приоритети на Србија, на што Србија интензивно работи.

„Кога станува збор за односите со Приштина, таа предочи дека услов за продолжување на процесот на нормализација на односите меѓу Белград и Приштина е исполнувањето на претходно договорените обврски. Премиерката објасни дека тоа е единствен начин за надминување на отворените прашања и постигнување на заемно прифатливо решение, нагласувајќи дека зачувувањето на мирот и стабилноста претставува основен приоритет на Белград“, се наведува во соопштението.

Брнабиќ исто така нагласи дека Србија е определена за јакнење на соработката со Обединетото Кралство, при што особено го истакна значењето на економската соработка.

Таа укажала на тоа дека трговијата со услуги во текот на 2022 година надминала една милијарда и 300 милиони евра во вкупна вредност, особено нагласувајќи ја важноста од продлабочувањето на соработката во областа на образованието, културата, науката, ИТ-секторот и енергетиката за билатералните односи.

Пич ја изнел определбата на Обединетото Кралство за зачувување на мирот и напредокот на регионот, како и дека Лондон го поддржува Берлинскиот процес и сите други иницијативи што придонесуваат за унапредување на конкретната соработка во регионот, соопшти Владата на Србија.

На состанокот присуствуваше и амбасадорот на Обединетото Кралство во Белград, Едвард Фергусон.

ТРТ БАЛКАН