Поголем број странци кои издржуваат казна во британските затвори ќе бидат ослободени и до една година пред истекот на казната поради решавање на проблемот со пренатрупаноста на затворите, објавија денес британските медиуми.
Се очекува министерот за правда на Велика Британија, Алекс Чалк, денеска да ја потврди оваа мерка со која на британската Влада може да и заштеди 70.000 фунти по затвореник, пренесува Sky News. Тој изјави дека голем број странци, кои ја отслужуваат казната во британските затвори, ќе бидат депортирани во матичните земји.
Минатата недела, на судиите им беше наложено да одобрат кауција за осудените криминалци, што ја зголеми загриженоста дека некои од најтешките престапници можеби нема да бидат испратени во затвор, но наместо тоа ќе останат на слобода со кауција.
Министерството за правда на Велика Британија објави дека до март оваа година, повеќе од 3.100 странски криминалци веќе биле ослободени на предвремено ослободување, но 10.500 се уште се во затворите во Англија и Велс.
Официјалните лица, исто така, разгледуваат што друго може да се направи за да се овозможи побрзо ослободување на странските криминалци осудени за помали кривични дела, но со воведување на нови забрани за повторно влегување во Велика Британија.
Последните официјални податоци покажуваат дека во затворите во Англија и Велс има 88.225 лица кои издржуваат казна.