Владата размислува да ја стави употребата на криптовалути во законски рамки. Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека според него ова е иднината и дека РСМ ќе биде меѓу првите земји во регионот што ќе го направи тоа.
„Ние сакаме сето ова да го канализираме законски во рамките на законот, но има многу дела што треба однапред да се усогласат и ние го правиме ова – ги усогласуваме тие дела за да дојдеме до финалниот производ. Ова е иднината и мислам дека ќе бидеме меѓу првите во регионот, ако не и први, што ќе направиме такво нешто. Како ќе функционира, ќе видиме, но според мене ова е иднината“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција посветена на новогодишната кошница.
Вредноста на биткоинот денеска за првпат надмина 100.000 долари.
Во однос на странските инвестиции, Мицкоски го повтори својот став дека очекува за првпат да се пробие бариерата од една милијарда евра странски директни инвестиции.
„Конечно, со третиот квартал има 838 милиони евра, додека до крајот на годината очекувам уште најмалку две инвестиции, а можеби ќе објавиме уште две, што ќе биде добар сигнал и со кој ќе бидеме меѓу водечките земји во регионот, ако не и лидер по глава на жител“, рече Мицкоски на прес-конференцијата во Владата.