Претседателот на Русија, Владимир Путин упати честитка по повод Меѓународниот ден на жената, кој денеска е голем празник во Русија, а особено упати благодарност на оние кои служат во вооружените сили.
Руските новинари во егзил, како оние кои работат за медиумот Medusa, се потсетија на зборовите на Владимир Путин од пред една година, кога им вети на жените дека мажите на задолжителна воена служба нема да бидат испратени да се борат во Украина, ниту пак ќе повикуваат резервисти. Но, уште во септември, рускиот претседател најави „делумна мобилизација“ во која властите повикаа стотици илјади мажи.
„Сакам да им се обратам на мајките, сопругите, сестрите, верениците и пријателите на нашите војници и офицери кои моментално се борат во одбрана на Русија во специјална воена операција. Разбирам колку сте загрижени за вашите најблиски. Можете да бидете горди на нив како што целата земја се гордее со нив и се грижи за нив. Нагласувам дека војниците на воена служба нема да учествуваат во борби. Дополнително повикување војници од резервниот состав нема да има. Само професионални војници ќе ја извршуваат нашата одредена мисија. Убеден сум дека може да се смета на нив за да се обезбеди безбедност и мир за народот на Русија“, кажа Путин во март минатата година, само неколку дена откако започна „специјална воена операција“ во Украина.
Денеска неговата порака гласеше „малку“ поинаку:
„Денес во сите градови и села на нашата голема земја се зборува за љубов и восхит кон мајките, бабите, сестрите, сопругите, ќерките и пријателите кои даваат се од себе за да ги израдуваат своите најблиски. Да ги прегрнеме и да им кажеме работи за кои понекогаш нема доволно време во виорот на секојдневието. Да ги поздравиме а воедно и да им упатам убави, искрени поздрави на оние кои чекаат дома“.
„Денеска сакам особено да им честитам на војниците кои за себе ја избраа највисоката мисија – одбраната на татковината. Жени од борбени единици; воени лекари; медицински сестри; медицински сестри од полковните станици, медицинскиот кор и болници; кои го ризикуваат сопствениот живот за да спасат повредени војници. Вашата храброст и вашата одлучност ги воодушевуваат и најсилните борци“.
„Во тешки моменти, во моменти кои ја тестираат нашата страст, сочувството на женското срце секогаш се претвора во моќна сила што укажува на поправилна, праведна и потребна акција. Ова е она што се случува во моментов. Знам колку искрено, понекогаш несебично, ги поддржувате нашите војници и офицери, и вашите најблиски и сосема непознати, со молитви, топли зборови и добри дела. Пишувате писма, праќате пакети со сите потребни работи, грижејќи се за секој војник како да е твој син“, посочи претседателот на Русија во својата честитка по повод 8. март.