Властите не смеат да вработуваат и да градат нови проекти пред избори, потсетува ДКСК

Државната комисија за спречување на корупцијата ги потсети сите државни институции, политичките партии и учесниците во изборниот процес на законските ограничувања за користење и располагање со буџетски средства во периодот пред престојните локални избори. Оттаму велат дека од денот на распишување на изборите, па до нивното завршување и конституирањето на општинските совети и Советот на Град Скопје, важат повеќе забрани, меѓу кои се: започнување нови инвестиции во инфраструктурни и објекти за општествени дејности, вонредни исплати на плати, пензии, социјална помош и други надоместоци што не се редовни месечни исплати, како и започнување постапки за нови вработувања или отпуштања.