Дождот, кој со различен интензитет врне деновиве, во дебарскиот регион предизвикува помали одрони на патиштата во ова подрачје, поради што се препорачува внимателно возење.
– Засега има помали но чести одрони од камен и земја. Поради тоа, но и влажните коловози се препорачува внимателно возење и строго почитување на патната сигнализација – порачуваат од дебарската секција на Јавното претпријатие за одржување на магистрални и регионални патишта.
Екипи на секцијата се постојано на терен, со цел навремено расчистување и безбедно одвивање на сообраќајот.
Под надлежност на оваа секција се патишта во должина од над 110 километри: делниците Дебар – Жировница (патен правец Дебар – Маврово), Дебар – Глобочица (патен правец Дебар – Струга), патот кон граничниот премин „Блато“, кракот Бошков Мост кон селата на Мала Река, како и патот Мелнички Мост – Центар Жупа.
Вообичаено на патниот правец Дебар – Маврово најчести се одроните кај селата Рајчица, Косоврасти и Јанче, месноста Ростушки Мост, потоа во близина на Бигорски манастир и месноста „Сенечки ливади“, на патот кон Струга кај месноста „Три чешми“(Манастирец).
Дождот поволно ќе се одрази во зголемувањето на нивото на акумулацијата Дебарско Езеро на ХЕ „Шпиље“