Возачот кој усмрти девојка во Скопје возел под дејство на алкохол

Дваесетгодишниот маж, кој доцна синоќа удри млада девојка на улицата „Партизанска“ во Скопје, возел без возачка дозвола, под дејство на алкохол и поминал на црвено светло, соопшти Обвинителството.

Против него е спроведена истражна постапка за сторено кривично дело „Тешки кривични дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.

Дваесетгодишниот осомничен на 29 јануари како учесник во сообраќајот на јавниот пат по десната коловозна лента од булеварот „Партизански одреди“ управувал со возилото „пежо 207“ сопственост на неговиот татко.

„Не ги почитувал правилата и со тоа го загрозил јавниот сообраќај. Тој го управувал автомобилот без возачка дозвола и под дејство на алкохол со содржина на алкохол од 0,82 отсто во урината, со што ги загрозил животите на луѓето. Кога дошол на обележан пешачки премин на крстосницата со улицата „29-ти Ноември“, брзината на возилото не ја прилагодил на карактеристиките и состојбата на патот и сообраќајот и другите сообраќајни услови за да овозможи возилото да биде запрено на време пред секоја пречка.

Пред пешачки премин регулиран со семафори кои правилно работеле во моментот на несреќата продолжил да се движи низ црвениот семафор и со предниот лев дел удрил во телото на жртвата Фросина Кулакова која се движела пеш, возилото минувало низ коловозот на обележан пешачки премин. Жртвата од ударот се здобила со тешки телесни повреди, од кои починала на лице место“, велат од Обвинителството.