Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против едно лице поради постоење основано сомнение дека сторило кривично дело Поткуп од член 357 ст.6 во однос на ст.3 и ст.2 од Кривичниот законик.
„Сомнежот произлегува од тоа што на 27 јануари како лице кое вршело работи од јавен интерес, поточно хирург во Одделот за хирургија во Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“ Битола извршил интервенција – операција на жолчното кесе на пациент, а потоа индиректно преку сведок побарал од синот на пациентот да му даде пари во износ од 150 евра за да го награди за сработеното. Момчето, кое тогаш било во болница, на осомничениот му дало три банкноти од 50 евра во плик. Откако осомничениот прифатил, бил упаднат и овластените службени лица од ПС Битола ги пронашле и ги одзеле парите“, соопштија од Обвинителството.
Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Битола до судија на претходна постапка поднесе предлог за определување мерка притвор, бидејќи постојат околности кои укажуваат на ризик од бегство.
Министерството за внатрешни работи соопшти и дека на 28.01.2025 година во 17:00 часот во просториите на Клиничката болница Битола, од страна на полициски службеници на ПС Битола, лишен е од слобода лекарот М.С.(64) од Одделот за хирургија.
„Тој е осомничен дека сторил кривично дело „земање поткуп“ од член 357 од Кривичниот законик и тоа дека по извршена хируршка процедура побарал и примил поткуп од лице од Битола. Тој бил пронајден а парите земени. М.С е приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него е поднесена кривична пријава“, велат од МВР.