Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, заедно со претседателот на шаховската федерација на Македонија, Саша Богдановиќ, го означија започнувањето на изградба на првиот шаховски парк во Македонија кој се гради во населбата 11 Октомври Бараки.
-Со големо задоволство денес, сакам да најавам дека на оваа огромна површина од 4000 метри квадратни започнуваме со изградба на првиот и единствен парк на шахот во независна Република Македонија, изјави Ѓорѓиевски.
Како што истакнаа, идејата за изградба на овој парк произлегла од заедничкиот разговор на градоначалникот со претседателот на шаховската федерација на Македонија, на кој ги прецизирале деталите за изгледот на шаховскиот парк.
Сличен простор на овој постоел во Градскиот парк во Скопје за време на одржување на шаховската олимпијада која се одржала во 1972 година но не како шаховски парк, туку само импровизирани полиња кои служеле за потребите на натпреварите.
– Ова што се гради денес, е единствено во Македонија. Паркот ќе понуди едно големо шаховско поле за одржување на натпревари и уште едно, за рекративно дружење за сите жители од седум до 77 години. Ќе биде опремен со клупи и други урбани содржини, со многу зеленило и ќе биде целосно осветлен. Петнаесетте професионални шаховски табли ќе бидат наменети за одржување на натпревари од локален, регионален и меѓународен карактер, со еден збор ова ќе биде центарот на шахистите во Македонија, а како круна на сето ова ќе стои споменик од кралот и кралицата, појасни градоначалникот.
Истакнаа дека паркот одд голема полза ќе биде и за учениците, бидејќи шахот веќе е изборен предмет во училиштата и тука ќе можат да се дружат и да играат.
– Шахот е глобална игра која промовира правичност, инклузивност и меѓусебно почитување, придонесува за поголема толеранција и разбирање меѓу луѓето и токму затоа, ова ќе биде културно собиралиште на мојот народ во Кисела Вода, додаде градоначалникот Ѓорѓиевски.