Во селото со куќи без оџаци

Куќи без оџаци. Камен до камен, магија и мистерија, убавини како насликани на сликарско платно. Уживајте во убавините на Мрежичко, прекрасно е, да се биде, што е можно поблиску до природата, рекоа соговорниците на МИА. 

Најголемиот дел од куќите во кавадаречкото село Мрежичко немаат оџаци. Во горниот дел од одаите се направени дупки и во нив се сместени сулинарите или цевки,  низ кои чадот од ќумбињата оди надвор. Оваа своевидна „мода” ја регистриравме кога деновиве бевме таму.

Дека ретко има оџаци, ни потврди и 62 – годишниот Здраве Ризов. По потекло од Мрежичко, сега е жител во Кавадарци. Во минатото куќите повеќето биле покриени со ‘ржање, за да има топлина горе во кровот, за да се топи и да паѓа снегот од кровот. Така било тогаш во тоа време. Затоа што, како што бил кровот со ‘ржање, ако имало и оџак, можело да се запали ‘ржањето. И ако имало оџак, топлината ќе одела горе и ќе бегала низ оџакот и немало да го топли таванот, кровот, па немало да се стопи снегот, такво било верувањето. Со топол таван и кров, побрзо се топел снегот. 

– Куќата ми е покриена со лим. Да не дими во лимот и да не ми го црни, да не ми ја црни и уништува граѓата горе, одводот за дим ми е надворешно преку ѕидот, не преку оџак. Пробушен ми е ѕидот и така, ставив таму алуминиумски оџак, откри Ризов. 

Тој  појасни дека тие што имале своевидни оџаци во минатото, внатрешно имале како „баџа”, голем и широк покриен простор,  така ги сушеле домашните месо, сланина и колбаси од свињите, во тие своевидни оџаци, закачени да висат на кукачки, закачки или ченгили, како што ги викале тогаш. Отворено, големо, широко, како пушална. Долу било огниште со огин од дрва, не како шпорет. Горе си димело и така било сушењето. 

Таква е и куќата што прв пат ја забележавме дека нема оџак, уште пред неколку години. Спомените од таа средба со старица пред куќата, се уште живеат. Тогаш ја затекнавме како со стап прета во огинот што го беше запалила, за да ги избрка болвите од сопствениот двор. 

– Да, баш како што викаш, им објавив војна на болвите. Ги има многу. Кучињата и мачињата шетаат по стари и напуштени куќи кои немаат оџаци, ама се легла на болви, па ги носат наваму. Син ми прво размеша етиол и вода и со метла ги попрска животните и дворот. Потоа јас ставив етиол со вода во еден леген и внатре се издавија околу двесте. Ако фатам некоја да ме лази по ногата, веднаш во легенот ја ставам. Ама пак ги имаше, па запалив оган. Како летаат, да ги фати пламенот та да ги изгори, ни објаснуваше тогаш срдечната жена. Покажувајќи ни ги бавчата и китките што самата ги одгледуваше, внимавајќи некоја болва да не дојде кај нас, ни кажа дека своевремено со дедото се вратиле во селото од кое некогаш се иселиле. Тука „авата” им била поубава. 

И Митра Крстева со својот сопруг од градот се вратиле постојано да живеат во Мрежичко. Не и пречи тоа што е селото испустено,  што со години нема продавница. Се пофали дека јадат здрава храна. Ни кажа дека порано вриело од стока, а до пред некоја година од горно до долно маало се шетале само нејзината крава Џина и магарицата Мара, која своевремено беше втора на трката со магариња за време на „Тиквешкиот гроздобер”, па тука тренираше за да биде најбрза во иднина.

Во селото сретнавме и туристи кои беа дојдени на чист воздух и традиционални тиквешки специјалитети. Крај блискиот рибник тие имаа можност да пробаат вкусна пастрмка. Домаќините рекоа дека се надеваат дека туризмот ќе заживее, особено, откако беше асфалтиран оштетениот пат до Мрежичко. 

– Доколку туристите зачестат, ќе се вратат тие што некогаш се иселија или нивните деца. Е тогаш можеби и ќе направат оџаци на куќите или пак ќе ги остават така, како атракција за оние што доаѓаат. Како и да е, Мрежичко заслужува да живее, рекоа мрежичани. 

Мрежичка или „темна” пештера 

Мрежичка пештера ќе се отвора за алтернативни туристи, најавија од планинарското друштво „Орле” од Кавадарци. Пештерата што се нарекува и „темна”, се наоѓа на триесетина километри од Кавадарци, во близина на кавадаречкото село Мрежичко и планинарскиот дом на „Орле” во селото. Сместена е во прекрасна природа во подножјето на планината Кожуф и е една од омилените дестинации на многубројните туристи кои милуваат да ги посетат бројните пештери во Тиквешкиот регион. 

– Пештерскиот или спелеолошки туризам е она, на што посебно треба да се обрне внимание, со цел привлекување на што поголем број на туристи, рече  претседателот на „Орле”, Никола Минчоров.