Граѓаните протестираа на улицата Партизански одреди каде завчера 20-годишниот Васил Јованов ја уби 22-годишната Фросина Кулакова.
До фотографијата на Фросина беа оставени цвеќиња и беа запалени свеќи, додека демонстрантите држеа транспаренти на кои пишуваше: „Сите одиме кај ист судија и таму има само една правда“, „Уште колку?” „Тоа не е несреќа, тоа е убиство“
Граѓаните бараат поостри казни и промени.
Според информациите од Обвинителството, Јованов возел во алкохолизирана состојба, без возачка дозвола и поминал на црвено светло.
Граѓаните дополнително се загрижени и револтирани од информацијата дека возачот им бил познат на надлежните откако минатата година бил фатен со дрога и завршил во притвор, а потоа по судска наредба во дом за стари лица. Тој на 04.11.2022 година без возачка дозвола направил уште една сообраќајна незгода, при што едно лице се здобило со полесни повреди. Јавниот обвинител со согласност на оштетениот донел решение да не поведе кривично гонење и платил парична казна од 18.000 денари.