Генералниот секретар на НАТО повика на воени подготовки, вели Германија мора да стори повеќе

Земјите на НАТО мора да се подготват за војна и да ги зголемат трошоците за одбрана, инаку Русија би можела да се обиде нешто слично на она што се случи во Украина, изјави генералниот секретар на НАТО Марк Руте, пренесува Велт.

„Јасно ви кажувам: мора да се подготвиме за војна. Ова е најдобриот начин да се избегне војна“, рече Руте.

Генералниот секретар на НАТО истакна дека Европа не смее да покажува слабост кон Русија, во спротивно Русија би можела да проба нешто исто како во Украина.

Меѓутоа, од перспектива на Руте, заканата не доаѓа само од Русија. Тој смета дека и Кинезите во голема мера ги прошириле своите воени капацитети.

Според Руте, Германија особено мора да троши повеќе и да произведува повеќе и мора постојано да го продолжи патот што го избра и во Европа и во Украина.

Тој призна дека Германија направила многу добро од почетокот на руската војна во Украина.

„Со оглед на големината на германската економија, природно сакаме тие да направат многу повеќе“, истакна шефот на НАТО.

Ова не е прв пат Руте да зборува за војната во Украина и заканата над западните земји во овој контекст. Тој неодамна изјави дека земјите од НАТО мора повеќе да ја поддржуваат Украина бидејќи тоа може да го промени текот на војната.

Згора на тоа, Руте изјави дека иднината на глобалната безбедност зависи од исходот на руската војна против Украина. Тој дури предложи да се купи оружје за Украина од САД со средства од Европската унија.