„Тековните неприфатливи политики на кршење на правата на граѓаните со бугарски идентитет во Македонија ја потврдуваат постојната објективна потреба од финансиски обезбеден механизам за правна заштита и процедурално застапување во случаи на политички мотивирани кривични гонења, манифестации на дискриминација, говор на омраза и злосторства од омраза врз антибугарска основа.“
Ова го изјави министерот за надворешни работи на Бугарија, Георг Георгиев, како одговор на прашање од пратеник од бугарската коалиција „Продолжување со промените – Демократска Бугарија“. Прашањето се однесува на средства за поддршка на бугарската заедница во странство.
Според Георгиев, бугарското Министерство за надворешни работи вложува континуирани напори за обезбедување правна заштита за Бугарите од Македонија, а како пример го наведуваат поранешниот претседател на распуштениот клуб „Иван Михајлов“, Љупчо Георгиевски.
„Бугарската држава на највисоко институционално ниво е доследна во својата поддршка за Георгиевски. Министерството за надворешни работи внимателно го следеше развојот на судскиот процес против него уште од неговото започнување, пред повеќе од две години“, изјави министерот.
Во 2025 година, од бугарскиот буџет се издвоени 2.700.000 лева за спроведување на Програмата за поддршка на организациите на бугарската заедница од Албанија, Србија, Косово, Украина и Молдавија и на граѓаните на Македонија со бугарска свест.