Германскиот регулатор за заштита на потрошувачите поднесе тужба против американскиот прехранбен гигант „Монделез“, со образложение дека го намалил пакувањето на чоколадите „Милка“ од 100 на 90 грама, но не и нивната цена. Регионалниот суд во Бремен потврди за новинската агенција ДПА дека тужбата ја поднело здружението за заштита на потрошувачите во Хамбург, кое го обвинува „Монделез“ за нелојална конкуренција и заведување на клиентите.
„Нивната цена е иста или дури и повисока“
„Многу потрошувачи со години купуваат Милка во исто пакување и претпоставуваат дека тежината на производот не се променила“, рече Армин Валет од здружението. „Тие се жртви на измама бидејќи неговите бројни варијации сега тежат само 90 грама, а нивната цена е иста или дури и повисока“, изјави Валет.
Намалувањето е речиси незабележливо, а чоколадото е потенко за милиметар, со ист дизајн и пакување. Новата маса е прикажана на предната страна од пакувањето, но во многу случаи е наведена со ситни букви и замаглена на полиците во супермаркетите.
Регулаторот бара појасни етикети и предупредување до потрошувачите дека пакувањето ќе биде намалено најмалку шест месеци пред промената. „Монделез“ ги отфрли тврдењата на здружението, велејќи дека транспарентноста во комуникацијата со потрошувачите е нивен врвен приоритет.
„Новата тежина е јасно наведена на пакувањето на производот“
„Новата тежина е јасно наведена на пакувањето на производот“, изјави портпаролката на компанијата, додавајќи дека „Монделез“ ги информирал клиентите на социјалните медиуми и дека целосен преглед на големините и тежините на производите е достапен онлајн.
„Компанијата немаше избор и беше принудена да ја промени граматурата поради повисоките трошоци во синџирот на снабдување и повисоките цени на состојките“, додаде портпаролката, истакнувајќи дека цените на какаото речиси се зголемија за трипати во изминатата година и достигнаа рекордни нивоа.
„Судот ќе му даде можност на Монделез да одговори на тужбата пред да одлучи дали да свика рочиште“, изјави портпаролката на судот.