Глуварчето е растение кое напролет покрива ливади и тревници. Долго време се сметаше за бескорисен плевел, но денес знаеме дека содржи многу корисни соединенија кои благотворно делуваат на нашиот организам. Медот од глуварче не е производ на пчели, туку сируп направен од цвеќиња, вода и шеќер. Неговата конзистентност е потенка од повеќето видови вистински мед, но по изглед и боја е слична на пчелниот мед.
Има изненадувачки сличен вкус на традиционалниот мед и лесно може да се вклучи во вашата исхрана. Тој е одлична замена за медот за веганите или за оние кои се алергични на пчелен мед. Тој е одличен додаток на тост, колачи, палачинки и бисквити и може да се користи на ист начин како медот во чајот и другите пијалоци.
Собирање на глуварче
Собирањето глуварчиња е релативно едноставен процес. Цветовите се берат во текот на април и мај на ливади далеку од патиштата. Топлото, сончево и суво време е идеално за берење цвеќе. Се препорачува да се користат веднаш по бербата, бидејќи така најдобро ќе се зачуваат нивните лековити својства.
Подготовка
За да го подготвите овој сладок сируп ќе ви требаат цветови од глуварче, вода, шеќер, лимон, тенџере за готвење, дрвена мешалка, цедалка и крпа за цедење.
Најпрво убаво измијте ги цветовите од глуварчето и исечете ги зелените делови, оставајќи ги само жолтите ливчиња. Отстранувањето на зелените делови што ги држат ливчињата не е неопходно, но се препорачува бидејќи можат да му дадат горчлив и несакан вкус на вашиот мед.
Потоа во поголем сад ставете ги ливчињата од глуварче и прелијте ги со врела вода и оставете ги да киснат преку ноќ. Следниот ден процедете ја течноста во цедалка и газа, а потоа додадете шеќер и лимон исечкан на кришки. Загрејте ја смесата на средна топлина, повремено мешајќи додека шеќерот целосно не се раствори.
Намалете ја топлината и варете ја смесата околу 1 час, повремено мешајќи додека не се згусне и добие конзистенција на мед. Кога медот ќе се олади, ставете го во тегли и чувајте го на суво и ладно место.
Детален рецепт може да го најдете на следниот ЛИНК