На претстојното Светско првенство во кошарка, дресот на словенечката репрезентација ќе го носи Лука Дончиќ, кој ќе биде и капитен на оваа селекција.
– Беше долго лето. Не размислував многу за кошарката, но сега сум среќен што се вратив. Ова ќе биде одлично продолжение на летото, со многу натпревари и тренинзи, навистина се радувам на тоа – изјави Дончиќ, а пренесува словенечки „Дело“.
Дончиќ е пресреќен што му била дадена честта да биде капитен на репрезентацијата.
– Ова е голема чест за мене (да бидам капитен на репрезентацијата), веќе разговарав со (селекторот, Александар) Секулиќ, разговаравме и со момчињата, а тие одлучија (кој ќе го носи капитенска лента). Навистина сум горд – продолжи Лука Дончиќ, со кого неговиот клупски тренер Џејсон Кид е во Љубљана.
Дончиќ меѓу редови им протна порака на играчите кои нема да играат на Мундобаскетот.
– Знаете, тоа не е некоја голема вест за мене, навикнат сум на слична ситуација во Далас, а и претходно бев на некој начин лидер во репрезентацијата. И не можете да се подготвите за тоа, тоа доаѓа спонтано. Или си лидер или не си – рече Лука Дончиќ.