Основниот кривичен суд во Скопјe ја прогласи поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова, за виновна за кривичното дело злоупотреба на службена положба и службено овластување и ја осуди на две години затвор.
Димова мора да плати и судска такса од 10.000 денари и да ги покрие судските трошоци, како и да ја обештети Националната агенција за штета од 22,7 милиони денари во рок од шест месеци.
Судијката Фанка Јанчулева Михаиловска ја ослободи Димова од обвинението за „измама“, како и третообвинетата Ана Павлиду од обвинението за „несовесно вршење на должноста“.
Судењето го водеше судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, додека обвинителството го застапуваше обвинителката Сузана Мирческа Кузмановска.
Според Обвинителството, во периодот од 2018 до 2020 година, Димова, како одговорно лице – директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, со цел да прибави значителна материјална корист за друго лице, ја злоупотребила својата службена положба и овластување и постапила спротивно на одредбите од Законот за јавни набавки, Законот за основање на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.
Со непочитување на принципите на законитост, еднаквост и јавност, без објавување на јавен конкурс, таа не постапила со совест, професионалност и непристрасност и дискриминирала потенцијални кандидати, давајќи им предност на некои надворешни лица со кои склучила индивидуални договори и ги вработила како соработници, експерти, обучувачи итн.