Дизајнерката Емили Пишева-Гоџирова со плетките на баба си ги освојува светските модни писти

 Кога ќе се спојат традицијата и модерното успехот е неминовен. Така го објаснува својот пат по светските модни писти модната дизајнерка од Струмица Емили Пишева-Гоџирова, која на последната модна недела што се одржа во Венеција, Италија, своите најнови креации ги збогати со плетките од баба и Елена, односно како што струмичани ги нарекуваат „милиња“, кои пред многу години беа задолжителен декор во секој дом.

Емили со својата модна куќа „EMILI exclusive design“ преку своите модели ја пренесе македонската традиција во Венеција. Таа беше гостинка на овој настан, кој оваа година се одржа во нестандарден формат без модни ревии под мотото „Одржлива мода“ со презентации во живо, работилници, фотографирање на различни локации и на социјалните мрежи.

-Најголем дел од моите креации ги презентирав на островот Бурано, место кое познато по изработка на чипка. И таму ги покажавме плетките и рачните везови од мојата баба, кои наидоа на одличен прием. Направивме успешен спој на модерното и традиционалното, што е моја желба од најмали години. Едноставно нашите модели се уникатни, бидејќи плетките, односно „милето“, може само еднаш да се употреби и не може да се повтори, ги пренесува своите впечатоци дизајнерката Емили.

На модната недела во Венеција, како и на многу други, Емили не само што е креаторка,туку е и модел заедно со сестра и Благица.

-Таму имаше бабички кои плетат такви плетки и на нив им беше интересен нашиот плет. На прв поглед можеби плетките се исти, но тоа што е карактеристично за нашите не е за италијанските и обратно. Големо е задоволството што успеавме со нашата замисла и буквално со „милињата“, кои некогаш се користеа за украс по домовите, да ги направиме креациите безвременски, додава Емили.

Открива дека токму тие креации ги користи за подготовка на испит од нејзините магистерски студии, но „милињата“ ги употребува и во уметничките слики кои сама ги создава.

Си спомнува за нејзините почетоци кои се поврзани со купувањето машина за шиење од татко и на која почнала најпрвин да им шие фустанчиња на куклите, а потоа и на нејзините најблиски.

-На 15 годишна возраст почнав да дизајнирам и изработувам. Потоа се запишав на факултет и во 2001 година го отворив модното студио, а по десет години го отворивме денешното и тогаш ми се придружи сестра ми Благица, вели Емили.

Претежно креираат венчаници, свечени креации, а веќе изработуваат и модели во ограничена серија. Познати се по своите уникатни креации, односно по ограничениот број на новосоздадени модели. Ја прошириле понудата со изработка на накит, чевли, чанти и други акцесоари. Набавуваат исклучиво оригинални и квалитетни материјали од Италија, Хонг Конг, Турција и од други земји кои произведуваат свила и други материјали.

– Нашата модна куќа во Струмица е единствено место каде може да се видат изложени креациите. Освен од Македонија, клиентки имаме и од Австралија, Бугарија,

Италија, Швајцарија, САД, а моментално креираме венчаница за невеста од Тајланд. Старо правило е дека жена за убав фустан ќе го помине цел свет за да го најде тоа што го сака, подвлекува Емили.

Покрај успешното претставување во Венеција, неодамна го освоија првото место на модниот настан со натпреварувачки карактер во Лозано, Швајцарија, во конкуренција на модни дизајнери од Париз, но и од Швајцарија. Ја добиле првата награда во износ од 10 илјади франци, со кои им бил направен едиторијал во престижни модни списанија. Учестувале и на модни настани во Амстердам, Истанбул, Софија, Подгорица, а редовни учесници се и на модни настани во земјава.

На крајот Емили уште еднаш ни кажа дека и понатаму ќе го истражува македонското културно наследство кое за неа е неисцрпен извор за нови модни детали кои успешно ќе го пренесува на светските модни писти.