Дино Мерлин пред 100.000 луѓе во Штип: Грандиозен спектакл на отворено (фото)

Финалето на летото ја донесе магијата на Дина Мерлин во Северна Македонија. Според проценките на Општина Штип, 100.000 луѓе од сите делови на земјата и пошироко присуствуваа на концертот на музичкиот волшебник од БиХ во саботата, а километарските редици и сообраќајните блокади беа сведоци на неверојатниот интерес.

Безвременските хитови и песни од албумот „Mi“ беа поздравени со стоечки овации од публиката, која пееше едногласно од првата до последната песна, создавајќи моменти што ќе се паметат долго време, додека песните од најновиот албум, како што се „Briga“, „Neka bude Ðula“ и „Zauvijek ovako“ веќе станаа нови химни, што го потврдуваат милионите прегледи на YouTube.

– Настанот, кој се одржа по повод 17. издание на традиционалната „Пастрмалијада”, беше организиран на највисоко ниво, со беспрекорна логистика, безбедност и организација, што овозможи вечерта да помине во совршен ред и атмосфера. Особено значење има и фактот што во реализацијата активно се вклучија бројни фирми од приватниот сектор, угостителите од Штип, како и партнерски угостители од други градови во Македонија, кои со својата поддршка придонесоа за овој настан да биде успешен и запаметен, се вели во соопштението од Општина Штип. 

Во него се наведува дека присуството и настапот на Дино Мерлин претставуваат посебна чест за Штип. Со својата уникатна музичка енергија и децениска кариера, тој одамна ја надмина рамката на изведувач и стана симбол на културно поврзување меѓу генерации и народи. Неговото присуство во Штип е доказ дека градот може да биде домаќин на настани од највисок ранг, кои носат нова вредност и препознатливост на целата држава.

– Ваквите манифестации претставуваат значајна придобивка за Штип, не само во културна и забавна смисла, туку и од аспект на економскиот импакт, преку големиот број гости, зголемената угостителска активност и промоцијата на градот како отворен и модерен центар на случувања, велат од Општина Штип.

Општина Штип изразува искрена благодарност до сите посетители, до поддржувачите и до сите што беа дел од организацијата, а особено до Дино Мерлин, кој со својот настап направи Штип да биде главниот центар на Балканот и испиша историја во колективното паметење на нашиот град

Овој музички и сценски спектакл ја заокружи серијата концерти на отворено што го одбележаа летото во регионот – од стадионот „Парк Младежи“ во Сплит, преку тврдината Ниш до тврдината Брод во Славонски Брод.

Секој од овие концерти ги трансформираше културните споменици и стадионите во сцени на заедништво и магија, а енергијата на публиката и ентузијазмот на социјалните мрежи потврдуваат дека Дино Мерлин не одржува само концерти, туку искуства што остануваат врежани во колективната меморија.