Во соопштението до медиумите, ДУИ ја одбележа четвртата годишнина од потпишувањето на Законот за употреба на јазиците, нагласувајќи дека Законот за употреба на јазиците ќе го бранат со сите демократски средства и нема да дозволат никакво назадување.
„Денеска ја одбележуваме четвртата годишнина од потпишувањето на Законот за употреба на јазиците – моментот кога беше склучен законодавниот дел од Охридскиот договор, со што на албанскиот јазик му се дава заслуженото место во нашата мултиетничка држава. Овој закон не беше само законска регулатива, туку историски чин кој ја запечати еднаквоста и институционалната стабилност на земјата. Но, четири години подоцна, антиохридските духови повторно се разбудија за да удрат онаму каде што синџирот е најкршлив, каде што можат да предизвикаат најголема поделба – по прашањето за јазикот, најголемиот симбол на меѓуетничката еднаквост и хармонија.
Обидите да се доведе во прашање уставноста на овој закон не се ништо повеќе од напад на самите основи на соживотот и евроатлантската ориентација на државата. ДУИ оваа политички насочена интервенција ја смета за регресивен чин, кој нема за цел ниту правда ниту институционален поредок, туку создавање тензии и отворање на раните од минатото.
Секој обид да се оспори законот за јазиците е обид да се оспори Охридскиот договор и уставниот поредок на самата Северна Македонија. Ги повикуваме сите државни институции и меѓународни фактори да не дозволат земјата да се лизне по патот на ревизионизмот, кој може да доведе до длабока политичка и институционална криза со непредвидливи последици. ДУИ ќе го брани Законот за употреба на јазиците со сите демократски средства и нема да дозволи никакво назадување“, велат од ДУИ.