„Мета“ наскоро ќе почне да им плаќа отштета од 725 милиони долари на корисниците на „Фејсбук“ погодени од скандалот со „Кембриџ Аналитика“, а износот ќе зависи од тоа колку долго нивните сметки биле активни помеѓу 2007 и 2022 година.
По години судски спорови и глобален скандал што ја потресе довербата во социјалните мрежи, „Мета“ почнува да исплаќа огромна отштета од 725 милиони долари, објави списанието „Пипл“ . Оваа сума е наменета за корисниците на „Фејсбук“ во Соединетите Американски Држави кои беа погодени од нелегалното споделување на приватни податоци со „Кембриџ Аналитика“.
Плаќањата започнуваат откако американскиот суд донесе одлука на 27 август 2025 година, а процесот на распределба на парите ќе трае околу десет недели, според гореспоменатиот портал. Станува збор за околу 18 милиони корисници чии барања за надомест се проверени и потврдени како валидни.
Кој има право на исплата и колку точно добива?
Сите корисници кои имале активна Фејсбук сметка помеѓу 24 мај 2007 година и 22 декември 2022 година имале право на надомест, објавија истите медиуми. Апликациите беа затворени на 25 август 2023 година, а беа примени речиси 29 милиони апликации, од кои 18 милиони беа потврдени и прифатени.
Вкупно околу 540 милиони долари од спогодбата ќе бидат поделени меѓу тие корисници, пишува People. Процесот е дигитализиран за да биде што е можно поедноставен за корисниците и да се избегнат дополнителни компликации, а парите ќе бидат исплатени директно на банкарски сметки, преку PayPal, Venmo, Zelle услуги или преку виртуелна претплатена Mastercard.
Правниот процес, да потсетиме, започна во 2018 година кога беше откриено дека „Кембриџ Аналитика“ имала пристап до приватните податоци на околу 87 милиони корисници на Фејсбук. Меѓу другото, податоците биле користени за политичко профилирање за време на претседателската кампања на Доналд Трамп во 2016 година.
Иако „Мета“, тогаш позната како „Фејсбук Инк.“, не ја призна правната одговорност, скандалот покрена прашања за одговорностите на технолошките гиганти кога станува збор за заштита на приватноста на корисниците. Иако парите од спогодбата не можат да ја надоместат веќе направената штета, овој правен преседан поставува стандард за идните случаи и испраќа порака дека дури и најголемите компании не се над законот кога станува збор за заштита на личните податоци.