Денеска се навршува една година од убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје.
Во тек е судскиот процес кој треба да даде одговор на прашањето зошто е убиено девојчето и кој стои зад злосторството што ја вознемири јавноста.
Првообвинет за убиството и киднапирањето е Љупчо Палевски Палчо, додека на обвинителна клупа се и Влатко Кешишев, Велибор Манев и Боре Видоевски, како и Александар Ѓорчевски, таткото на Вања.
Според обвинението, Вања била киднапирана на 27 ноември 2023 година од влезот на нејзината зграда, а потоа убиена.
Во обвинението е наведено дека на 27.11.2023 година, обвинетиот, потпомогнат од родителот на Вања, го киднапирал девојчето на влез од објект на улицата „Наум Наумовски-Борче“ во Скопје. Ја врзале и ја однеле во близина на местото викано Дупки, во атарот на селото Бразда и таму на свиреп начин и намерно и’ го одзеле животот.
Обдукцијата покажала дека Вања има рана на десната хемисфера на мозокот и канал од огнено оружје од 34 сантиметри кој се протега од вратот до четвртиот пршлен.
Обвинителите пред два дена соопштија дека имаат материјални докази дека Љупчо Палевски-Палчо е автор на убиството на малолетната Вања и Велешанецот Панче Жежовски.
Обвинетиот Влатко Кешишев на завчерашното рочиште ја повлече писмената изјава дадена минатата недела. Според неговите тврдења, тој бил принуден од првообвинетиот Љупчо Палевски да ја напише изјавата.
„Ова не беше моја изјава. Ми даде текст од Палевски, кој ме замоли да го напишам со мој ракопис. Ова го направив затоа што се плашев од него“, изјави Кешишев пред судот.
Во претходната изјава, сега повлечена, беше кажано дека Љупчо Палевски не бил присутен кога била убиена Вања.