Ердоган: Сега сме во период кога семејството се поткопува како никогаш досега, ова е прашање на опстанок

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган зборуваше за намалување на населението и загрозување на семејствата и семејните вредности, нагласувајќи ја важноста на културните вредности во решавањето на ова прашање.

„Се наоѓаме во период во кој семејствата, основањето семејство и раѓањето деца се поткопани како никогаш досега“, рече Ердоган во Истанбул.

Семејната институција е загрозена и во Турција и во целиот свет, смета тој.

„Дури и најоптимистичките проекции покажуваат дека населението на Турција ќе се префрли од зголемување на намалување за 10 години. Ако продолжи сегашната ситуација, се очекува нашето население да се намали за 10 милиони до крајот на векот“, рече тој.

Тој смета дека поради тоа Турција се соочува со загрижувачка иднина.

Ердоган тврди дека патот на Турција лежи во повторното откривање на нејзините културни и духовни корени.

„Ќе се вратиме на суштината и ќе ги прифатиме нашите корени. Ќе најдеме насока во светлината на нашата вера, богатството на нашата култура и водството на нашата мудрост“, рече турскиот претседател.

Тој ги критикуваше западните идеологии, обвинувајќи ги странските сили дека „негуваат средина што им се спротивставува на мажите и жените“.

„Во нашето верување и култура, не постои конкуренција, трка за супериорност или нешто меѓу мажите и жените што е спротивно на статусот на човечкото суштество како најчесно суштество. Нашата цивилизација го гледа секое создание, без разлика на полот, како еднакво, а животот, човештвото и душата ги гледа како свети и недопирливи“, рече тој.

Подоцна, на посебен настан, Ердоган се осврна на контроверзноста што настана кога фудбалерите го развирија транспарентот на турското Министерство за здравство во кој се залагаше природно породување.

„Во време кога нашата стапка на фертилитет и стапката на раст на населението се алармантни, не можеме да си дозволиме да губиме време на овие тривијални работи“, рече Ердоган, додавајќи:

„Ова за нас е прашање на опстанок.”