Во Европскиот парламент позитивно беше изгласана конечната одлука за либерализација на визниот режим за косовските граѓани, кои најдоцна од 1 јануари 2024 година ќе можат да се движат без визи во Шенген-зоната.
Во Европскиот парламент позитивно беше изгласана конечната одлука за либерализација на визниот режим за косовските граѓани, кои најдоцна од 1 јануари 2024 година ќе можат да се движат без визи во Шенген-зоната, јавува Анадолу.
Владата на Косово соопшти дека по позитивната одлука на европските пратеници, во Стразбур ќе има официјално потпишување од страна на претставници и на Европскиот парламент и на Советот на Европската Унија. На потпишувањето ќе присуствува Бесник Бислими, првиот потпретседател на Владата на Косово за европски интеграции, развој и дијалог.
Одлуката ќе биде објавена во Службен весник и ќе стапи во сила 20 дена по објавувањето. Според оваа одлука, граѓаните на Република Косово најдоцна од 1 јануари 2024 година ќе можат да се движат без визи во Шенген-зоната.
Овие правила за укинување на визите за Косово ќе им овозможат на граѓаните да патуваат во Европската Унија без виза за 90-дневен престој во кој било период од 180 дена.
Косово навреме ги исполни сите услови за визна либерализација, но досега немаше консензус меѓу земјите членки на ЕУ за унапредување на процесот.
„Благодарение на работата на Владата, особено во областа на владеењето на правото, борбата против корупцијата и управувањето со миграцијата, процесот беше деблокиран и институциите на ЕУ и земјите членки беа убедени дека Косово заслужува крај на процесот на визна либерализација и дека земјата има значаен напредок и достигнувања во соодветните области“, изјавија од Владата на Косово и порачаа дека по долго чекање, ова е клучниот момент за приближување до европското семејство.