Русија во петокот објави дека одлуката на Европската унија (ЕУ) да ги отвори пристапните преговори со Украина и Молдавија е политичка одлука што може да ја дестабилизира ЕУ и ја пофали Унгарија што и се спротивставува на ваквите одлуки.
„Преговорите за пристапување во ЕУ може да траат со години и децении. ЕУ отсекогаш имала строги услови за пристапување и сосема е јасно дека ниту Украина ниту Молдавија не ги исполнуваат критериумите“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Јасно е дека ова е апсолутно политичка одлука, дека ЕУ сакаше да се солидаризира со овие земји. Сепак, таквите нови членки би можеле да ја дестабилизираат ЕУ, а со оглед на тоа што сме на истиот континент, секако дека внимателно го следиме тоа“, додаде гласноговорникот на Владимир Путин.
Европските лидери на Самитот во четвртокот се согласија да ги отворат преговорите со Украина, иако таа моментално е во војна со Русија, за која Владимир Путин на неговата годишна маратонска прес-конференција кажа дека војната ќе продолжи додека не ги исполни своите цели.
Лидерите го надминаа противењето на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, со напуштање на салата во моментот кога се гласаше за тој историски чекор, со што Дмитриј Песков коментираше со иронија.
„Уникатен е случајот да се чека некој да излезе на кафе, па да се носат одлуки во негово отсуство“, порача тој.
ЕУ, исто така, се согласи Грузија, која како Украина и Молдавија е поранешна советска република, да стане кандидат за членство.
„За наша жал, желбата на ЕУ да ја покаже таа политичка волја во голема мера е детерминирана од желбата да се изнервира Русија што е можно повеќе и да се антагонизира ЕУ во однос на Русија“, вели Дмитриј Песков.
Поради унгарската блокада, на Самитот не можеше да се договори за 50 милијарди евра помош за Украина.
„Унгарија има свои интереси и, за разлика од многу други земји-членки, цврсто ги брани, импресионирани сме од тоа“, посочи Дмитриј Песков.