Организаторите на „Ратае куп“ започнуваат кампања за собирање на средства со цел да се изградат трибини и соблекувални за фудбалското игралиште во селото Ратае, Општина Јегуновце. Кампањата се активира затоа што организацискиот одбор има буџет кој недостига за изградбата на предвидените објекти.
-На фудбалскиот терен му недостигаат трибини и соблекувална, од што голема корист би имале и публиката и играчите. Организацијата има буџет кој ќе покрие само мал дел од една трибина, што е помалку од 50% од целиот проект. Овој проект е од огромно значење за селото, општината и младите луѓе кои се заинтересирани за спорт. Изградбата се планира да започне во март 2023 година информираат од организацискиот одбор на „Ратае куп“.
Организаторите отворија и профил на платформата за собирање финансии Gofundme преку која може да донираат средства луѓето кои живеат и работат во други земји.
-Секоја помош е добредојдена од македонската дијаспора која е низ целиот свет, особено од вас кои сте од нашиот регион и од нашето сакано Ратае. Секоја поддршка што можете да ја дадете е многу ценета, порачуваат од Ратае.
Фудбалскиот турнир „Ратае куп“ е еден од најголемите спортски и културни настани во областа. Турнирот се одржува секоја година во периодот јуни-јули и трае приближно 25 дена. На овој настан присуствуваат многу луѓе од Тетово и околните села, што им дава одлична можност на Македонците да се забавуваат и дружат.