Поранешниот премиер Зоран Заев денес ги нарече неодамнешните изјави на премиерот Христијан Мицкоски клевета и избегнување на одговорност.
„Брборењето, клеветите и навредите се методите на Мицкоски со кои се обидува да ја оправда катастрофата што ја предизвикува на целата држава. Неговата неспособност да постигне дури и еден резултат во која било област од општеството и политиката, заедно со неговата самодоволност и ароганција, ќе го одведат во политичката бездна. Но, мора да внимаваме да не ја влечеме и државата во таа бездна со него“, напиша Заев на својот Фејсбук профил како одговор на обвинувањата од актуелниот премиер Христијан Мицкоски дека примил куфери со пари од поранешен бугарски премиер.
Заев пишува дека ако некој е „експерт за куфери со пари“, тогаш тоа се токму поддржувачите и финансиерите на Мицкоски.
„Категорично ги отфрлам лагите и клеветите на Мицкоски за таканаречените „куфери со пари од поранешен бугарски премиер“ како невистинити и очаен обид на некомпетентен премиер да го префрли вниманието на јавноста од своите неуспеси на сопствените измислици“, додаде Заев.
Пред два дена, премиерот Христијан Мицкоски на митинг во Куманово изјави дека предлогот за резолуцијата за црвените линии на СДСМ е „тројански коњ“ и нов подарок за Бугарија. Тој обвини поранешен бугарски премиер дека финансиски ја поддржува таа опција за СДСМ директно преку куфер со пари адресиран до менторот на Филипче од Струмица.