Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска најави дека 83 отсто од програмите на агенцијата за развој УСАИД ќе бидат прекинати.
„По шест недели разгледување, официјално кратиме 83 отсто од програмите на УСАИД“, напиша Рубио на платформата Х, спомнувајќи ги непотребно потрошените „десетици милијарди долари“, без да даде попрецизни бројки.
Рубио додаде дека во договор со Конгресот, САД сакаат 18 отсто од програмите што беа во мирување (околу 1.000) сега да бидат поефикасно управувани од Стејт департментот.
Стејт департментот, кој го надгледува УСАИД, на 26 февруари објави дека има намера да намали 92 отсто од финансирањето на програмата на агенцијата, заштедувајќи 54 милијарди долари.
Претседателот Доналд Трамп потпиша извршна наредба по неговото враќање во Белата куќа на 20 јануари, со која се наредува замрзнување на американската странска помош за 90 дена.
Во тој период се планира целосен преглед за да се оцени дали работата на таа и на другите агенции е усогласена со планираните политики на Трамп.